Германскиот парламент го усвои контроверзниот закон кој на владата ѝ дава можност да наметнува рестриктивни мерки на регионално ниво, како што земјата се обидува да го сопре третиот бран на пандемијата.
Пратениците од широката коалиција на Ангела Меркел го поддржаа законот по жестока дебата, додека пред парламентот протестираа 8.000 луѓе, кои полицијата ги растури зашто не носеле маска и не го почитувале социјалното дистанцирање. Вицеканцеларот Олаф Шулц кажа дека земјата има потреба од федерални, а не само од регионални мерки.
Според новиот закон за примена на „итна кочница“, сојузните покраини автоматски ќе одат во карантин ако се надмине одредена стапка на зараза, што предвидува и полициски час во ноќните часови.
Министерот за здравство Јенс Шпан ја опиша ситуацијата во земјата како екстремно сериозна, со 5.000 пациенти на интензивна нега. Пред да почне дебатата, лекарите и болниците предупредија дека големиот број ковид пациенти може да го поремети целиот систем на болничко лекување во наредните месеци.
За законот утре ќе се дискутира во долниот дом на парламентот и тој би можел да почне да се применува уште следната недела.