ГЕРМАНСКИТЕ РАЗУЗНАВАЧИ ПРЕСРЕТНАЛЕ РАДИОРАЗГОВОРИ ВО КОИ РУСКИ ВОЈНИЦИ ЗБОРУВААТ ЗА УБИСТВАТА ВО БУЧА

    ГЕРМАНСКИТЕ РАЗУЗНАВАЧИ ПРЕСРЕТНАЛЕ РАДИОРАЗГОВОРИ ВО КОИ РУСКИ ВОЈНИЦИ ЗБОРУВААТ ЗА УБИСТВАТА ВО БУЧАДосега се пронајдени 320 тела на цивили во Буча (Фото: АП)

    Германските разузнавачи пресретнале радиокомуникација во која руски војници меѓусебе зборуваат за убиства на цивили во Украина, објави магазинот „Дер Шпигел“. Овие докази денеска им биле доставени на германските пратеници.

    Според магазинот, кој цитираше извори од германското разузнавање, разговорите се однесуваат на злосторствата во Буча, северно од Киев. Неколку од нив можат да се поврзат со локации и предмети што се гледаат на фотографиите од лешевите на цивилите, снимени по повлекувањето на руските сили, пишува магазинот.

    Изминатиот викенд, во Буча се пронајдени масовна гробница и тела на цивили на улиците, при што некои биле застрелани одблиску и имале врзани раце. Се верува дека меѓу жртвите има и жени и деца. Украина и западот ја обвинија Русија за масакр и воени злосторства во Буча, додека таа тврди дека сцените се наместени.

    Магазинот пренесува дека на снимените разговори руските војници дискутираат како испрашувале украински војници и цивили пред да ги застрелаат. Во еден од разговорите се слуша глас на руски како зборува за убиство на лице кое било на велосипед. Меѓу фотографиите од Буча што го обиколија светот е и една од леш покрај велосипед.

    Германските разузнавачи велат дека снимените разговори ги потврдуваат извештаите дека во убиствата учествувале и платеници од групата „Вагнер“.

    Градоначалникот на Буча, Анатоли Федорук, кажа дека досега се пронајдени 320 тела на цивили, но бројката расте секојдневно.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира