Генералниот инспектор на министерството за одбрана на САД потврди дека војната со Иран довела до недостиг на муниција и до застој во повторното снабдување, што е во спротивност со тврдењата на претседателот Доналд Трамп дека САД не се соочуваат со недостиг. Трамп тврдеше дека залихите на муниција на САД се практично неограничени, а извештаите што го тврдат спротивното ги опиша како лажни вести.
Сепак, независното контролно тело соопшти дека САД потрошиле повеќе од 22 милијарди долари за муниција во периодот од февруари до јуни, што довело до стратешки недостиг на залихи. Во текот на војната, американските сили потрошиле огромни количества муниција со голем дострел, како и муниција за противвоздушна и противракетна одбрана.
Извештајот на генералниот инспектор не откри точно колку оружје останало. Во него се укажува и на „тесни грла во индустриската база за надополнување на муницијата“.
Трамп и други претставници на администрацијата се обидоа да ги прикажат извештаите за недостиг како лажни и предавнички.
Во извештајот на надзорниот орган, исто така, се наведува дека загубите на опрема достигнале 3,7 милијарди долари, а 7,4 милијарди долари се во други расходи. Вкупно, САД потрошиле 33,4 милијарди долари за војната од 28 февруари до 30 јуни.
Меѓу загубите се четири борбени авиони „Ф-15“, еден високо напреден авион „Ф-35“ и 30 беспилотни летала „МК-9“.



