ГО ИЗБЕГНАВМЕ НАЈЛОШОТО, ЗАЕДНО ЌЕ ЈА ОБНОВИМЕ НОТР ДАМ, ИЗЈАВИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ МАКРОН ПО КАТАСТРОФАЛНИОТ ПОЖАР

    ГО ИЗБЕГНАВМЕ НАЈЛОШОТО, ЗАЕДНО ЌЕ ЈА ОБНОВИМЕ НОТР ДАМ, ИЗЈАВИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ МАКРОН ПО КАТАСТРОФАЛНИОТ ПОЖАРВо пожарот целосно се уништени средновековниот покрив и една од кулите, како и добар дел од внатрешноста (Фото: АФП)

    „Најлошото е избегнато, заедно повторно ќе ја изградиме Нотр Дам“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, откако по петчасовната борба со катастрофалниот пожар беше објавено дека катедралата стара 850 години е спасена од целосно уништување.

    Макрон најави дека веднаш ќе покрене меѓународна кампања за собирање средства за обнова на катедралата, која во пожарот остана без средновековниот покрив и една од препознатливите кули. Пожарот избувнал околу 18.50 часот во поткровјето и потоа зафатил голем дел од покривот.

    „Она што се случи е ужасна драма. Итните служби се бореа со огнот со неверојатни храброст, посветеност и професионализам. Ова е нашата историја и таа гори. Ова е ужасна трагедија, но ќе ја обновиме Нотр Дам“, кажа Макрон при посетата на местото на трагедијата.

    Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека се намалува интензитетот на огнот и дека структурата на зградата е спасена и зачувана, вклучувајќи ја и северната кула. Пожарникарите претходно изразија сомнежи дека ќе успеат да го совладаат огнот.

    Во исто време, обвинителството најави дека ќе покрене истрага за „случајно уништување со оган“. Засега нема потврда што го предизвикало пожарот, но се верува дека е поврзано со процесот на обнова.

    Катедралата Нотр Дам, едно од обележјата на Париз, се запали по затворањето околу 18.50 часот, а од пожарот по еден час падна една од кулите. Портпаролот на париската пожарна рече дека пожарот полека згаснува и дека ќе бидат потребни уште 3-4 часа за да се локализира.

    Нотр Дам е во процес на реставрација што требаше да трае во фази околу 20 години, а тековната фаза чини 6 милиони евра. Според полицијата, нема жртви, a во пожарот тешко е повреден еден од 400-те пожарникари кои учествуваа во гаснењето.

    Претставник на црквата кажа дека целата внатрешност на црквата од 12. век најверојатно ќе биде уништена. Властите велат дека најголемиот дел од бесценетите уметнички дела се спасени веднаш штом избунал пожарот. Меѓу спасените се и Круната од трње, за која се верува дека ја носел Исус и ленената туника од Сен Луј.

    Катедралата Нотр Дам е една од најславните градби во светот со бесценети уметнички дела, што дневно ја посетуваат над 30.000 луѓе. Локалните медиуми велат дека обвинителите го истражуваат пожарот како инцидент, најверојатно поврзан со тековната реставрација.

    Од безбедносни причини не можеа да се користат авиони за гаснење пожари „канадер“, оти еден авион исфрла шест тони вода при голема брзина, што можеше да повреди луѓе и да ја оштети структурата на катедралата и таа да се урне.

    Изградена во 12. и 13. век, Нотр Дам (Богородичната црква) е една од најславните готски катедрали од средниот век, како и еден од најомилените објекти во светот, а ја посетуваат околу 14 милиони туристи годишно. Сместена на Иј де ла Сите, остров во Сена, архитектурата на катедралата е прославена, а меѓу бесценетите уметнички дела се прозорците со витраж во вид на роза и католички реликвии, како Круната од трње, која повремено се изложува, особено секој петок за време на велигденските пости. Катедралата е овековечена и во делото на Виктор Иго „Ѕвонарот на Богородичната црква“ од 1831 и долго време е предмет на фасцинација во популарната култура и на традиционалниот уметнички свет.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари