ГОЛЕМ СОБИР НА ЕВАНГЕЛИСТИЧКИ ВЕРНИЦИ ВО МИЛУЗ ГО ПРЕДИЗВИКАЛ НАЈГОЛЕМОТО ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ ВО ФРАНЦИЈА

    ГОЛЕМ СОБИР НА ЕВАНГЕЛИСТИЧКИ ВЕРНИЦИ ВО МИЛУЗ ГО ПРЕДИЗВИКАЛ НАЈГОЛЕМОТО ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ ВО ФРАНЦИЈАГодишниот собир во суперцрквата во Милуз привлекол илјадници следбеници од цел свет (Фото: Ројтерс)

    Годишен петдневен собир во средината на февруари, во евангелистичка суперцрква во Милуз, на кој присуствувале стотици верници од цел свет, го иницирал најголемиот кластер на коронавирусот во Франција, велат локалните власти.

    Досега се потврдени околу 2.500 случаи на коронавирус поврзани со овој собир, откако следбениците на црквата несвесно ја прошириле болеста во Буркина Фасо во Африка, Гвајана во Јужна Америка, Швајцарија, на Корзика, во француска нуклеарна централа и во работилниците на една од најголемите европски автокомпании.

    Неколку недели подоцна, Германија делумно ја затвори границата со Франција, суспендирајќи го пактот за слободно свижење стар 25 години. Официјални лица на црквата кажаа дека 17 нејзини членови починале од компликации поврзани со коронавирусот.

    До настанот во Милуз, во Франција имаше само 12 случаи на коронавирус и во земјата сѐ уште немаше забрани за големи собири. Првиот случај поврзан со црквата е потврден на 29 февруари и тогаш веќе беше доцна.

    „Тогаш сфативме дека пред нас имаме временска бомба“, изјави Мишел Верне, епидемиолог од Националната агенција за јавно здравје.

    Меѓу присутните на собирот била и мајка со две мали деца, кои подоцна имале позитивен тест на коронавирус и се верува дека тие го почнале кластерот. На најпосетената сесија имало 2.500 луѓе, а никогаш помалку од 1.000. До крајот на собирот на 21 февруари никој не се пожалил на симптоми на грип, први случаи се пријавени неколку дена подоцна.

    До 20 март, во Франција веќе имаше 10.000 заразени, од кои една четвртина во регионот на кој му припаѓа и Милуз.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира