Украина денеска го изведе најголемиот напад со дронови врз Москва во последните две години, објави агенцијата „ТАСС“, што предизвика пожари во и околу главниот град и доведе до евакуација на најголемиот аеродром во земјата. Видеоснимки објавени на социјалните мрежи покажуваат огромни столбови црн чад над градот, додека на едно видео можат да се слушнаат дронови како зујат на небото.
Нападот се случи неколку часа пред средбата на Владимир Путин со лидерите од Југоисточна Азија на самит во Казан, оддалечен 700 километри од Москва.
Украинските дронови ја погодија и московската рафинерија вторпат оваа недела, додека градоначачникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека биле соборени повеќе од 180 дронови.
„Силите за воздушна одбрана продолжуваат да одбиваат голем напад. Неколку беспилотни летала успеаја да стигнат до московската рафинерија за нафта“, рече Собјанин, додавајќи дека еден трговски центар претрпел помала штета.
Неколку руски медиуми објавија дека има пожар во рафинеријата.
Московскиот аеродром „Шереметјево“ објави дека ги евакуирал патниците на безбедни локации за време на нападот и ги ограничил летовите.
„Во поширокиот московски регион се оштетени висока станбена зграда, индустриски објект и голем број приватни куќи“, изјави регионалниот гувернер Андреј Воробјов.
Во исто време, украинските власти објавија дека Русија лансирала балистички проектили врз Киев.



