Граѓаните на Франкфурт го сменија својот контроверзен градоначалник Петер Фелдман на референдум, откако тој се соочи со обвинувања за корупција. Прелиминарните резултати покажуваат дека повеќе од 95% гласачи се изјасниле за отповикување на Фелдман, кој доаѓа од редовите на Социјалдемократската партија.
Фелдман, чиј мандат беше исполнет и со гафови, го призна поразот, иако конечните резултати од референдумот ќе бидат познати в петок.
„Тоа значи дека од петок веќе нема да бидам градоначалник“, изјави Фелдман.
Шеесет и четиригодишниот Фелдман неколку месеци беше под голем притисок на јавноста, зашто против него се води случај за корупција во судот во Франкфурт.