ГРАНИЦИТЕ НА УКРАИНА ОСТАНУВААТ НЕПРОМЕНЕТИ, КАЖА ЗЕЛЕНСКИ, ЗАПАДОТ ПОДГОТВУВА САНКЦИИ ЗА РУСИЈА И СТРАВУВА ОД ВОЈНА

    ГРАНИЦИТЕ НА УКРАИНА ОСТАНУВААТ НЕПРОМЕНЕТИ, КАЖА ЗЕЛЕНСКИ, ЗАПАДОТ ПОДГОТВУВА САНКЦИИ ЗА РУСИЈА И СТРАВУВА ОД ВОЈНАСоветот за безбедност на ОН ја осуди одлуката на Путин како незаконска и нелегитимна (Фото: АП)

    Претседателот Володимир Зеленски изјави дека границите на Украина остануваат непроменети откако Владимир Путин вчера ја призна независноста на народните републики Доњецк и Луганск. Истовремено, на ретката вечерна седница, Советот за безбедност на ОН ја осуди одлуката на Путин како незаконска и нелегитимна.

    „Акциите на Руската Федерација се кршење на интегритетот и суверенитетот на територијата на Украина. Границите на Украина ќе останат како што се, без разлика на руските изјави“, кажа Зеленски.

    Западните сили најавија воведување нови санкции за Русија откако Путин вчера ја призна независноста на отцепените региони во источна Украина и им нареди на руските вооружени сили да влезат таму во улога на миротворци. Тие стравуваат дека ова би можел да биде крај за мировните договори од Минск, со кои се одржуваше кревко примирје во регионот Донбас и дека руска инвазија на Украина сега е неизбежна. Украина кажа дека двајца нејзини војници загинале во изминатите 24 часа, додека се засилува кршењето на примирјето.

    Одлуката на Путин ја критикуваа и Турција, Кина, Јапонија и Јужна Кореја.

    Според рускиот амбасадор во ОН, Васили Небензија, САД и западните сојузници ја туркаа Украина кон воена провокација и затоа Русија не можеше да дозволи уште едно крвопролевање во Донбас.

    „Украина распореди 120.000 војници долж линијата на разграничувањето. Беше јасно дека Донбас е на работ на нова украинска воена авантура, како во 2014 и 2015“, изјави Небензија.

    САД како глупост ја опиша наредбата на Путин за испраќање руски миротворци во источна Украина.

    „Тоа очигледно е основа за создавање предуслови за натамошна руска инвазија на Украина. Путин ги искина мировните договори од Минск на парчиња“, кажа американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира