Грција одбележа 200 години од почетокот на Војната за независност со воена парада во Атина, на која присуствуваа и принцот Чарлс и неговата сопруга Камила и рускиот премиер Николај Мишустин.
Јубилејната годишнина се совпадна со периодот кога ширењето на коронавирусот повторно се разгорува во земјата, па на јавноста не ѝ беше дозволено да присуствува. Грчката полиција спречи одржување на седум протести и маршови, повеќето организирани од националистички групи.
Манифестацијата вклучи и парада на тенкови пред зградата на парламентот, додека воени авиони надлетуваа над Акропол.
Грчкиот бунт за независност почнал во регионот Мани на полуостровот Пелопонез во 1821 и продолжил со години без каква било странска поддршка. Во 1827 година, кога револуцијата била речиси скршена, интервенирале војските на Британија, Русија и Франција, кои ја уништиле турско-египетската флота во заливот Наварино, што им овозможило на Грците да продолжат да се борат. Грција конечно се здоби со независност во 1830 година.