ГРЦИЈА ПО МНОГУ ГОДИНИ ВЕЌЕ НЕМА ДА БИДЕ НАЈЗАДОЛЖЕНАТА ЗЕМЈА ВО ЕУ И ЌЕ Ѝ ЈА ПРЕПУШТИ ТАА ПОЗИЦИЈА НА ИТАЛИЈА

    ГРЦИЈА ПО МНОГУ ГОДИНИ ВЕЌЕ НЕМА ДА БИДЕ НАЈЗАДОЛЖЕНАТА ЗЕМЈА ВО ЕУ И ЌЕ Ѝ ЈА ПРЕПУШТИ ТАА ПОЗИЦИЈА НА ИТАЛИЈАГрчкото Министерство за финансии размислува за предвремена отплата на речиси 13 милијарди евра од долгот до крајот на годината, наместо планираните девет милијарди евра. - Атина (Фото: Пекселс)

    Повисокиот буџетски суфицит од очекуваниот ѝ отвора пат на Грција за забрзана отплата на огромниот државен долг. Според извештајот за извршување на буџетот, примарниот суфицит, во кој не е пресметано сервисирањето на долгот, во првите седум месеци од годинава достигнал 5,72 милијарди евра, што е значително повеќе од првично предвидените 4,41 милијарди евра. Поради ваквите резултати, надлежните во Министерството за финансии разгледуваат предвремена отплата на речиси 13 милијарди евра од долгот до крајот на годината, наместо планираните девет милијарди евра.

    Со ваквото темпо, долгот на Грција на крајот на 2026 година ќе се сведе на 137 отсто од бруто-домашниот производ, наместо претходно проценетите 138,2 отсто. Иако станува збор за мала разлика, тоа значи дека по долги години земјата повеќе нема да го носи епитетот на најзадолжена членка во Европската Унија, препуштајќи ѝ го тоа место на Италија.

    Грчката влада сака просторот создаден од подобрата фискална состојба да го искористи за помош на најранливите граѓани, самовработените и малите бизниси, преку директна финансиска поддршка или даночни олеснувања. Сепак, пречка за тоа се строгите буџетски правила на ЕУ за ограничување на растот на јавната потрошувачка, особено што Грција помина низ строг надзор за време и по завршувањето на тешката финансиска криза.

    Главен фактор за остварениот суфицит е растот на даночните приходи. Без да се сметаат приходите од новиот договор за управување со автопатот Егнација и концесијата за казиното во Елинико, даночните приходи во првите седум месеци изнесуваат 42,47 милијарди евра, што е за 1,11 милијарди евра или 2,7 отсто над предвидениот план.

    Земајќи предвид дека голем дел од буџетските расходи се реализираат кон крајот на годината, Агенцијата за управување со јавниот долг очекува конечниот примарен суфицит да достигне четири отсто од БДП, наспроти првично планираните 3,2 отсто.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира