Градскиот совет во Хајделберг, град во југозападна Германија, со мнозинство гласови донесе одлука со која им се дозволува на жените да пливаат со голи гради во градските базени. Одлуката е донесена по предлог на политичките групи од левиот центар и крајната левица. Според градската управа, ова правило ќе важи само за двата градски базени на отворено и првично ќе биде ограничено на претстојната сезона.
„Ако како резултат на тоа се појават негативни појави, правилата за користење на базените повторно ќе бидат коригирани“, изјави портпаролот на градот.
Во предлогот се вели дека, според правилата на операторот што стопанисува со градските базени, на мажите им е дозволено да пливаат со голи гради, но не и на жените. Во текстот се додава: „Ова е во спротивност со целите на градот Хајделберг за еднаквост и недискриминација, кои предвидуваат еднакво учество на сите луѓе, без оглед на нивниот пол или родов идентитет“.
Хајделберг им се придружува на неколку други Општини во југозападниот дел на Германија, каде што веќе е дозволено сите лица, без оглед на полот, да пливаат со голи гради во јавните базени. Меѓу поголемите градови во оваа сојузна покраина, правилата се разликуваат: во Карлсруе е дозволено, во Пфорцхајм е делумно дозволено, додека во Хајлброн е забрането.
Според Германското здружение за објекти за капење, во Германија сè почесто се дозволува жените да пливаат со голи гради. Бидејќи не постои унифициран национален закон, Општините или операторите преку своите интерни правила одлучуваат дали и кога жените можат да пливаат без горен дел од костимот за капење. Пливањето со голи гради за жените е дозволено, на пример, во Гетинген, Келн, Берлин и Минхен.



