ХАМАС ДОБРО СЕ ОДНЕСУВА СО ЗАЛОЖНИЦИТЕ ВО ПОДЗЕМНИТЕ ТУНЕЛИ ВО ГАЗА, ИЗЈАВИ ОСЛОБОДЕНАТА 85-ГОДИШНАТА ИЗРАЕЛКА

    ХАМАС ДОБРО СЕ ОДНЕСУВА СО ЗАЛОЖНИЦИТЕ ВО ПОДЗЕМНИТЕ ТУНЕЛИ ВО ГАЗА, ИЗЈАВИ ОСЛОБОДЕНАТА 85-ГОДИШНАТА ИЗРАЕЛКАЈохевед Лифшиц беше снимена како се ракува со милитант на Хамас при ослободувањето (Фото: Гети)

    Поминав низ пекол, изјави 85-годишната Јохевед Лифшиц, која денеска одржа прес-конференција откако Хамас ја ослободи од заложништво. Таа кажа дека заедно со нејзиниот сопруг биле киднапирани од вооружени напаѓачи на мотоцикли и потоа биле одведени во Газа, во тунели налик на пајажина.

    Лифшиц и уште една 79-годишна жена синоќа беа пуштени од Хамас, кој во петокот ослободи и мајка и ќерка со израелско-американско државјанство.

    „Ме удираа со стапови додека ме водеа во Газа, но најголем дел од заложниците беа добро третирани“, изјави Лифшиц.

    Таа беша киднапирана од кибуцот Нир Оз во јужен Израел на 7 октомври. Нејзиниот сопруг Одед и натаму е заробен. Се верува дека една четвртина од жителите на Нир Оз се убиени или киднапирани во нападот на кибуцот.

    „По доаѓањето во Газа ме натераа да пешачам неколку километри по влажен терен. Ме одведоа во огромна мрежа на подземни тунели, која наликува на пајажина“, изјави Лифшиц.

    Запрашана од новинарите зошто се ракувала со милитант на Хамас при ослободувањето, таа кажа дека добро се однесувале кон неа, а останатите заложници се во добра состојба. Според израелската војска, Хамас држи 222 заложници.

    „Мојот чувар ми кажа дека тие се луѓе кои веруваат во Коранот и нема да нѐ повредат. Ме држеа во чиста соба и имавме еден оброк на ден, сирење и краставица“, кажа таа.

    Лифшиц и нејзиниот 83-годишен сопруг се познати како мировни активисти кои помагале болни пациенти од Газа да се превезат во болници во Израел.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира