ХАМАС И ИЗРАЕЛ ПРОДОЛЖИЈА ЖЕСТОКО ДА СЕ РАКЕТИРААТ, НАЈМАЛКУ 30 ЗАГИНАТИ ДОСЕГА

    ХАМАС И ИЗРАЕЛ ПРОДОЛЖИЈА ЖЕСТОКО ДА СЕ РАКЕТИРААТ, НАЈМАЛКУ 30 ЗАГИНАТИ ДОСЕГАИзраел кажа дека погодил 130 цели во Газа (Фото: Ројтерс)

    Палестинските милитанти и израелската војска и денеска продолжија со жестоката размена на огнот, при што досега загинаа најмалку 30 луѓе во Газа и Израел. Од синоќа, кон Израел биле испукани повеќе од 400 ракети, при што загинаа двајца Израелци, а за одмазда биле гаѓани 150 цели во Газа. Тамошните здравствени власти кажаа дека има најмалку 28 мртви.

    Хамас, кој ја контролира Газа, соопшти дека дејствувал за да ја заштити џамијата Ал-Акса во Источен Ерусалим од израелските агресија и тероризам. Над 300 Палестинци беа повредени во вчерашните судири со израелските безбедносни сили пред џамијата, која се смета за третото најсвето место во исламот.

    По состанокот со шефовите на армијата, израелскиот премиер Нетанјаху изјави дека договориле да се засилат јачината и зачестеноста на нападите на Газа.

    „Хамас ќе биде удрен на начините на кои не очекува“, кажа тој.

    Во изминатите денови, Ерусалим беше погоден од најголемите насилства од 2017 година, а мртви и повредени има на двете страни. Две возрасни лица денеска загинаа во израелскиот град Ашкелон, а 95 биле хоспитализирани. Хамас кажа дека испукал 137 ракети кон Ашкелон и соседниот град Ашдод и предупреди дека има многу изненадувања ако борбите продолжат. Израел кажа дека пресретнал 80% од ракетите испукани од Газа и додаде дека погодил 130 „терористички цели“, вклучувајќи два тунела ископани под границата со Израел.

    Меѓу 28-те загинати Палестинци, десет се деца, кажа министерството за здравство во Газа, а има и 150 повредени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира