Хашкиот суд за воени злосторства го осуди поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, на 25 години затвор. Тој е прогласен за виновен по три точки од обвинението за воени злосторства: мачење, сурово постапување и убиство.
Високи затворски казни добија и останатите обвинети: Јакуп Красниќи – 25 години, Кадри Весели – 18 години и Реџеп Селими – 13 години затвор. Сите четворица за време на војната беа меѓу политичките и воените лидери на ОВК, а по војната држеа високи функции во косовските институции.
Тие се товареа за воени злосторства и злосторства против човештвото, извршени од март 1998 до септември 1999 во Косово и северните делови на Албанија.
Обвинителите во Хаг изјавија дека повеќе од 100 политички противници и наводни соработници на српските безбедносни сили биле убиени од силите на ОВК за време на конфликтот. Тие бараа 45 години затвор за 58-годишниот Тачи.
Поради ризикот од заплашување, многумина од сведоците на обвинителството сведочеа зад затворени врати. Адвокатите на Тачи тврдеа дека обвинувањата се неосновани и претставуваат обид за одново испишување на историјата. Тие рекоа дека нема докази што директно го поврзуваат Тачи со кое било од наводните злосторства или дека тој ги контролирал другите команданти на ОВК.
Тачи останува почитувана фигура за многумина косовски Албанци, додека самиот суд е длабоко непопуларен во Косово. Во многу градови низ Косово беа поставени големи екрани кои одбројуваа до пресудата, а знамиња на ОВК се веат на главните улици. САД и неколку други амбасади ги советуваа граѓаните да избегнуваат толпи.



