Хашкиот суд го осуди поранешниот лидер на босанските Срби Радован Караџиќ на доживотен затвор, откако му ја потврди речиси целата првостепена пресуда.
Во конечната пресуда, Караџиќ, кој во 2016 беше осуден на 40 години затвор, е прогласен за виновен за геноцид, злосторства против човештвото и за кршење на законите и обичаите на војувањето.
Во еден од последните преостанати судски случаи што произлегоа од распадот и крвавата војна во Југославија, 73-годишниот Караџиќ се жалеше на пресудата од 40 години затвор за геноцид и воени злосторства, што првенствено се однесуваше на масакрот на повеќе од 8.000 мажи во Сребреница во 1995 година. Тој притоа бараше ослободителна пресуда или повторно судење, што беше отфрлено.
Судот сега ја потврди вината на Караџиќ за етничко чистење, геноцид во Сребреница, повеќегодишно тероризирање на Сараево и за киднапирање на припадници на Обединети нации.