Хеликоптерот во кој загинаа иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахијан немал вграден примопредавател или тој бил исклучен, утврди првичната истрага на турската спасувачка група која ги пронајде остатоците.
Турскиот министер за транспорт Абдулкадир Уралоглу изјави дека по веста за несреќата, турските власти провериле дали има сигнал од транспондерот на хеликоптерот кој емитува информации за висината и локацијата.
„За жал, системот најверојатно бил исклучен или хеликоптерот воопшто го немал“, изјави Уралоглу.
Исто така се дозна дека официјални лица испратиле меморандум до иранската влада за купување два руски хеликоптера за лидерите на земјата, загрижени за состојбата на застарената флота ирански хеликоптери, кои тешко се одржуваат поради санкциите. Леталото што се урна во неделата близу границата со Азербејџан беше хеликоптер „бел 212“ од американско производство, чија старост не е позната.
Другите два хеликоптера кои биле во конвојот на Раиси безбедно го завршиле патувањето и засега нема назнаки дека несреќата била саботажа. Израел, еден од најголемите непријатели на Иран, веднаш негираше дека е вмешан на кој било начин.
Погребот на Раиси ќе се одржи утре, кога целата земја ќе биде затворена. Неговите должности привремено ги презеде првиот потпретседател Мохамад Мохбер, кој распиша избори за 28 јуни.