ХОЛАНДИЈА ГИ ЗАБРАНИ ЛЕТОВИТЕ ОД БРИТАНИЈА ПОРАДИ НОВИОТ СОЈ НА КОРОНАВИРУС, ЕКСПЕРТИТЕ ВЕРУВААТ ДЕКА ВАКЦИНИТЕ ДЕЛУВААТ И ПРОТИВ НЕГО

    ХОЛАНДИЈА ГИ ЗАБРАНИ ЛЕТОВИТЕ ОД БРИТАНИЈА ПОРАДИ НОВИОТ СОЈ НА КОРОНАВИРУС, ЕКСПЕРТИТЕ ВЕРУВААТ ДЕКА ВАКЦИНИТЕ ДЕЛУВААТ И ПРОТИВ НЕГОНема докази дека новиот сој поинаку реагира на вакцините и лекувањето (Фото: Ројтерс)

    Холандија денеска ги забрани сите летови од Велика Британија поради појавата на нов сој на коронавирус. Владата објави дека забраната веднаш стапува на сила и ќе важи најмалку до 1 јануари.

    Холандскиот институт за јавно здравје кажа дека овој нов сој на вирусот веќе бил идентификуван во Холандија во почетокот на месецот и сега дополнително ќе се испитува за да се утврди како заразата се случила и дали има други познати случаи.

    Светската здравствена организација соопшти дека соработува со британските власти во врска со откривањето на новиот сој. Според досегашните сознанија, тој се шири многу побрзо, но се верува дека не поопасен и посмртоносен. Големи делови на југоисточна Англија, вклучувајќи го и Лондон, од вчера се наоѓаат под построги рестрикции со цел да се спречи ширењето на заразата.

    Британскиот премиер Џонсон вчера кажа дека новиот сој е за 70% попренослив од стариот. Сепак, експерите велат дека нема докази дека тој предизвикува поголема стапка на смртност и дека поинаку реагира на вакцините и лекувањето.

    „Доколку новиот сој има големо влијание врз сериозноста на болеста, досега ќе го увидевме тоа. Бројот на хоспитализирани заразени лица или би се зголемил или би се намалил драстично, а не се случи ниедно од тоа. Исто така, вакцините се тестирани на голем број варијанти на вирусот кои циркулираат, па веруваме дека ќе функционираат и против овој сој“, изјави Јуан Бирни, заменик директор на Европската лабораторија за молекуларна биологија.

    Ова не е прва мутација на коронавирусот досега забележана. Во октомври беше соопштено дека сој што потекнал од шпански фарми се проширил летоска низ Европа и придонесол за многу нови случаи на зараза во Велика Британија.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира