Холандија го продолжи контроверзниот полициски час до 31 март, иако минатиот месец тој со судска одлука беше прогласен за нелегален и беше побарано негово итно укинување.
Полицискиот час беше воведен на 23 јануари, прв во земјата од нацистичката окупација во Втората светска војна, што беше проследено со четиридневни протести и нереди. Оттогаш е на сила секој ден од 21 до 4:30 часот.
„Полицискиот час требаше да заврши на 15 март, но ќе биде продолжен до крајот на месецот. Од 15 до 17 март ќе има исклучоци поради изборите, зашто полицискиот час не смее да биде пречка за одржување слободни избори“, објави премиерот Марк Руте.
Рестораните, баровите и продавниците за марихуана продолжуваат да работат само со достава, што важи уште од октомври.