Холандските детективи се надеваат дека иновативен холограм ќе им помогне да го решат убиството на млада сексуална работничка што се случи во Амстердам пред 15 години.
Бернадет Сабо ја напуштила родната Унгарија кога имала 18 години и заминала за Амстердам, каде што набргу потоа почнала да работи како сексуална работничка во „зоната на црвените фенери“. Родила и син, кој бил даден во згрижувачко семејство.
Откако не се појавила во нејзината работна соба на 19 февруари 2009, две нејзини колешки отишле да ја проверат и таму ја пронашле мртва со десетици убодни рани. Сабо имала само 19 години.
Деценија и пол подоцна, полицијата користи современа технологија и голема јавна кампања во последен обид да го реши случајот. Куќата каде што таа работела е целосно посветена на убиството, а највпечатлив елемент е холограм на Сабо во природна големина, кој ја прикажува како седи на столче покрај прозорец и се обидува да контактира со минувачите, барајќи помош од нив. Холограмот содржи и голема тетоважа на змеј, што ги прекрива стомакот и градите на Сабо.
„Ова е првпат да сме направиле вакво нешто и малку сме нервозни. Сакаме правда за Бети и за нејзиното семејство“, изјави Бенјамин ван Гог, координаторот на тимот за барани и исчезнати личности.
Полицијата нуди и награда од 30.000 евра за корисна информација.
„Бети е убиена во еден од најпрометните делови на Холандија и невозможно е дека никој ништо не видел и не слушнал. На овој начин сакаме да ги охрабриме евентуалните очевидци кои досега можеби биле уплашени да зборат“, додаде Ван Гог.