Досегашниот премиер Марк Руте прогласи убедлива победа на тридневните парламентарни избори во Холандија и вети дека четвртиот мандат ќе го искористи за да ја обнови земјата по пандемијата на коронавирусот.
Излезните анкети велат дека неговата партија ВВД освоила 36 од 150-те места во холандскиот парламент, три повеќе во однос на претходните избори, а друг голем победник е уште една либерална партија, Д66, која ќе има 24 пратеници. Крајнодесничарската партија ПВВ освои 17 места.
„Гласачите во Холандија ѝ дадоа на мојата партија огромна доверба. Главниот проблем во наредните години ќе биде како да ја обновиме земјата после коронавирусот. Имам енергија за уште десет години“, кажа Руте.
Тој е еден од најдолговечните лидери во Европа, имајќи предвид дека првпат победи во 2010 година.
И покрај пандемијата, излезноста беше многу висока – 82,6%.