ИДНАТА ЦРНОГОРСКА ВЛАДА ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ГИ ПОДОБРИ ОДНОСИТЕ СО СРБИЈА ОТКАКО ДВЕТЕ ЗЕМЈИ ГИ ИЗБРКАА АМБАСАДОРИТЕ

    ИДНАТА ЦРНОГОРСКА ВЛАДА ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ГИ ПОДОБРИ ОДНОСИТЕ СО СРБИЈА ОТКАКО ДВЕТЕ ЗЕМЈИ ГИ ИЗБРКАА АМБАСАДОРИТЕЦрна Гора прогласи независност во 2006 година, но тензиите околу нејзиниот национален идентитет никогаш не престанаа (Фото: АФП)

    Мандатарот за состав на новата црногорска влада Здравко Кривокапиќ изрази жалење поради протерувањето на амбасадорот на Србија, на што Белград возврати со идентична мерка, додавајќи дека тоа се последните обиди на владата на заминување да ги продлабочи поделбите.

    Подгорица вчера го прогласи амбасадорот Владимир Божовиќ за персона нон грата, обвинувајќи го за мешање во внатрешните работи на Црна Гора, по што Белград му нареди на црногорскиот амбасадор Тарзан Милошевиќ да ја напушти земјата во рок од 72 часа.

    „Режимот на заминување и во своите последни денови работи на поларизирањето на општеството и на продлабочувањето на поделбите. Новата влада ќе работи на заздравувањето на односите со Србија и ќе промовира вистинска добрососедска политика“, изјави Кривокапиќ, лидерот на коалицијата на просрпските партии која победи на последните парламентарни избори.

    Црна Гора прогласи независност во 2006 година, но тензиите околу нејзиниот национален идентитет никогаш не престанаа. Причината за бркањето на Божовиќ беше негова изјава од петокот, кога кажа дека „Подгоричкото собрание од 1918 година било слободно изразување на волјата на црногорскиот народ да се обедини со братската Србија“.

    На ова собрание, Црна Гора ја изгуби независноста и влезе во составот на Кралството СХС. Пред две години, црногорскиот парламент усвои резолуција со која симболично беа поништени одлуките од 1918.

    Според официјални податоци, етничките Срби сочинуваат 29% од населението на Црна Гора.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира