Десетици илјади луѓе бегаат од Хомс, третиот по големина град во Сирија, од страв дека бунтовниците ќе продолжат да напредуваат кон Дамаск. Тие вчера го зазедоа централниот град Хама, што беше втор голем пораз за претседателот Башар ал-Асад, кој ја изгуби контролата врз Алеп минатата недела.
Водачот на исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, Абу Мохамед ал-Голани, им порача на жителите на Хомс „дека дошло нивното време“.
Сириските бунтовници покренаа изненадувачка офанзива минатата недела и сега напредуваат кон југот, при што Хомс е следниот град на патот од Алеп кон Дамаск. Видеоснимки покажуваат патишта заглавени со автомобили, додека уплашени цивили заминуваат од Хомс, каде што живеат припадници на малцинската заедница алавити, на која ѝ припаѓа и Асад.
Откако сириската војска се повлече од Хама по неколку дена борби, нејасно е дали ќе успее да го одбрани Хомс. Хама е дом на милион луѓе и постојано беше под контрола на владините сили за време на граѓанската војна, која почна во 2011.
Асад вети дека ќе ги скрши бунтовниците и го обвини западот дека се обидува да исцрта нова мапа на регионот, додека клучните сојузници Иран и Русија му понудија безусловна поддршка. Руски борбени авиони ги засилија нападите врз бунтовничките области, додека милиции поддржани од Иран испратија свои борци. Иран кажа дека е подготвен да испрати и дополнителни сили ако Сирија го побара тоа.