Американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата социјална мрежа Трут соушал дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, неколку часа пред средбата со Зеленски што е закажана за денеска во Мар-а Лаго на Флорида.
„Тукушто имав добар и многу продуктивен телефонски разговор со претседателот Путин на Русија“, објави Трамп и додаде дека средбата со Зеленски ќе се одржи во главната трпезарија на Мар-а-Лаго и дека новинарите се поканети да присуствуваат.
Кремљ, исто така, потврди дека се одржал разговорот меѓу двајцата лидери. Рускиот советник за надворешна политика Јуриј Ушаков вели дека повикот бил инициран од Трамп и дека тој и Путин разговарале за најновите предлози на ЕУ и Украина за ставање крај на речиси четиригодишната војна. Ушаков, поранешен амбасадор на Русија во САД, вели дека Трамп ја слушнал проценката на Кремљ за предлозите и двајцата претседатели го завршиле разговорот обединети во верувањето дека привременото примирје предложено од ЕУ и Украина наместо тоа би го продолжило конфликтот. Тој вели дека двајцата лидери ќе разговараат повторно откако ќе заврши средбата Трамп-Зеленски во Флорида.
Пред почетокот на средбата со Зеленски, новинар го праша Трамп дали вчерашните руски напади врз Киев покажуваат дека Путин не е сериозен во врска со мирот.
„Не, тој е многу сериозен“, одговори Трамп. „Верувам дека Украина исто така изврши некои многу силни напади – и тоа не го кажувам негативно“, рече тој. „Веројатно мора да го сторите тоа.“ Трамп додаде: „Народот на Украина сака тоа да заврши, а народот на Русија сака тоа да заврши, двајцата лидери сакаат тоа да заврши“.
Одделно, во претходна објава, Трамп ја фали улогата на неговата администрација како глобален миротворец, осврнувајќи се на новодоговореното примирје меѓу Камбоџа и Тајланд, и сугерирајќи дека Обединетите Нации биле од „мала помош“ во решавањето на конфликтите, вклучително и Украина.
„Можеби САД станаа ВИСТИНСКИТЕ Обединети нации“, вели тој.



