Индија денеска испрати сателит кон Сонцето, само две недели по спектакуларното слетување на индиска вселенска сонда на Месечината. Сателитот „Адитија-Л1“ полета денеска напладне по локално време. Истражувачкиот сателит треба да биде позициониран на 1,5 милиони километри од Земјата и оттаму да испраќа слики од Сонцето. Според плановите на Индиската вселенска агенција, неговото патување до таму ќе трае околу четири месеци.
„Адитија-Л1“ се состои од седум модули и е дизајниран да ги набљудува надворешните слоеви на Сонцето користејќи детектори за електромагнетни полиња. Целта на мисијата, меѓу другото, е да се постигне подобро разбирање на динамиката на сончевиот ветер. Податоците за сончевите феномени што Индија сака да ги собере треба да помогнат за подобро да се разбере времето на Земјата и на другите планети. Покрај тоа, тие треба да помогнат за подобра заштита на комуникациските и климатските сателити ширум светот.
Американската вселенска агенција НАСА и Европската вселенска агенција ЕСА веќе имаат испратено вселенски сонди за да го истражат Сонцето, а ова е првпат за Индија.
Пред речиси две недели, на јужниот пол на Месечината слета индиската вселенска сонда „Чандрајан-3“. Во 2014, Индија стана првата азиска земја која лансираше вселенско летало во орбитата околу планетата Марс.