Среде големите тензии помеѓу истокот и западот околу демократските вредности, Словенија денеска го презема шестмесечното претседателство со Европската Унија, предводена од националист кој има долга историја на судири со ЕУ во дебатите за демократијата.
Премиерот Јанез Јанша е обожавател на Доналд Трамп и пријател со Виктор Орбан кој во изминатиот период беше на удар на Брисел поради нарушувањето на медиумските слободи во Словенија. На неодамнешниот самит, Јанша и неговиот полски колега беа единствените европски лидери кои му дадоа поддршка на Орбан за законот насочен против ЛГБТ заедницата во Унгарија.
Словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар изјави дека Словенија во наредните шест месеци ќе се фокусира на социо-економското заздравување од пандемијата на ковид-19, интеграцијата на Западен Балкан и на владеењето на правото.
И додека Србија не успеа да отвори некои поглавја од преговорите, Бугарија продолжува да го блокира пристапувањето на Македонија, а со тоа и на Албанија. Јанша неодамна изјави дека ќе се залага за агресивно проширувaње на блокот со сите држави од Западен Балкан и најави дека Словенија во октомври ќе организира неформален самит на членките на ЕУ и лидерите од Западен Балкан, на кој ќе се обиде да ги помести работите од мртва точка.