Потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, рече дека САД „не ја кренале во воздух“ дипломатијата со нападот врз иранските нуклеарни постројки. Тој денеска изјави дека разговорите за брзо напредувачката нуклеарна програма на Иран никогаш не добиле вистинска шанса од Техеран.
„И нашата надеж… е дека ова можеби ќе може да се рестартира тука. Иранците можат да тргнат по патот на мирот или можат да тргнат по патот на оваа смешна политика на финансирање на тероризмот, на обид за изградба на нуклеарно оружје, а тоа едноставно не е нешто што САД можат да го прифатат“, рече Венс.
Тој повтори дека САД не се во војна со Иран, немаат интерес за долготраен конфликт или испраќање војници на терен. Венс вели дека се чувствува „многу уверен дека значително го одложивме нивниот развој на нуклеарно оружје“ и дека ќе поминат „многу, многу години“ пред Иран да може да развие нуклеарно оружје.
Венс вели дека Америка „нема интерес за војници на терен“ во Иран, велејќи дека не верува оти нападите врз три ирански нуклеарни постројки би довеле до поширока војна.
„Немаме интерес за војници на терен“, рече Венс. „Не се плашам дека ова ќе стане долготраен конфликт“.
Венс сепак нагласи дека постои можност Иран да се вклучи во разговори за својата иднина, велејќи дека нападите создадоа средина за „ресетирање“ на односите.
„Сакаме да заврши нивната нуклеарна програма, а потоа сакаме да разговараме со Иранците за долгорочно решение тука“, рече Венс. „Ова е ресетирање. Ова е можност за Иранците да го изберат паметниот пат. Секако се надеваме дека ќе го сторат тоа“.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги осуди нападите на САД врз три ирански нуклеарни постројки.
„Оваа агресија покажа дека САД се главниот поттикнувач на непријателските дејствија на ционистичкиот режим против Исламската Република Иран“, рече Пезешкијан. „Иако првично се обидоа да ја негираат својата улога, по решителниот и одвраќачки одговор на нашите вооружени сили и јасната неспособност на ционистичкиот режим, тие неизбежно беа принудени сами да влезат на теренот.“
Пезешкијан ја повика јавноста да се обедини во пресрет на нападите од Израел и САД.