Иранската војска соопшти дека спречила американски разурнувач да влезе во Ормускиот Теснец. Ова следува откако Иран ги предупреди американските сили да не влегуваат во Ормускиот Теснец, по најавата на Доналд Трамп дека почнувајќи од денеска, САД ќе им помогнат на заглавените бродови да поминат низ стратешки важниот премин. Трамп не даде други детали за планот, што го нарече „Проект слобода“.
Како одговор на ова, здружената команда на иранската војска им порача на комерцијалните бродови и нафтените танкери да се воздржат од секакво движење кое не е во координација со иранските власти.
„Постојано повторуваме дека безбедноста на Ормускиот Теснец е во наши раце и дека безбедното поминување на бродовите треба да биде координирано со вооружените сили. Предупредуваме дека сите странски вооружени сили, особено агресивната американска армија, ќе бидат нападнати ако имаат намера да се приближат и да влезат во Ормускиот Теснец“, изјави Али Абдолахи, началникот на здружената команда на иранските сили.
Иран драстично го ограничи сообраќајот низ Теснецот откако започна војната на 28 февруари, додека САД воведоа поморска блокада на иранските пристаништа.
„За доброто на Иран, Блискиот Исток и САД, им кажавме на овие земји дека безбедно ќе ги водиме нивните бродови надвор од овие ограничени водни патишта“, напиша Трамп на социјалните мрежи, без да прецизира кои земји ќе добијат помош.
Тој рече дека САД ќе се справат со сила со секое мешање во новата американска операција. Централната команда на американската војска соопшти дека во „Проектот слобода“ ќе бидат вклучени 15.000 воени лица, разурнувачи со наведувани ракети и повеќе од 100 авиони.
Стотици комерцијални бродови се заглавени повеќе од два месеца во Персискиот Залив, додека на нивните екипажи со околу 20.000 морнари им снемуваат залихи на вода и храна.



