ИРАН ЈА ВРАЌА ВОЕНАТА КОНТРОЛА ВРЗ ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ, ГО ОБВИНИ ВАШИНГТОН ЗА ПОМОРСКИ ГРАБЕЖ

    ИРАН ЈА ВРАЌА ВОЕНАТА КОНТРОЛА ВРЗ ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ, ГО ОБВИНИ ВАШИНГТОН ЗА ПОМОРСКИ ГРАБЕЖИранската револуционерна гарда во соопштение наведе дека теснецот ќе се врати во претходната состојба и дека со подрачјето ќе управуваат вооружените сили. (Фото: Марин трафик)

    Иранската војска најави дека повторно ја презема контролата врз Ормускиот Теснец, објавија иранските државни медиуми. Иранската револуционерна гарда во соопштение наведе дека теснецот ќе се врати во претходната состојба и дека со подрачјето ќе управуваат вооружените сили.

    Оваа одлука доаѓа откако претходно беше забележано движење на дел од транспортните бродови низ овој воден пат. Податоците од страницата за следење „Марин трафик“ покажаа дека низ клучниот коридор поминувале неколку пловила за транспорт на нафта, течен гас и хемикалии, но не е јасно колкав дел од сообраќајот успеал да помине низ овој стратешки важен премин.

    Во военото соопштение, САД се обвинети за пиратство, со тврдење дека блокадата на иранските пристаништа претставува поморски грабеж. Техеран и претходно предупреди дека ќе го затвори теснецот доколку Вашингтон продолжи со блокадата. Спикерот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, кој учествуваше во преговорите минатиот викенд, изјави дека теснецот нема да остане отворен доколку не се прекине блокадата на земјата.

    Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека денеска е одличен ден за светот бидејќи Иран го прогласил теснецот за отворен. Тој додаде дека блокадата на пристаништата ќе остане во полна сила додека не се заврши целосно договорот за крај на војната. Трамп навести и дека може да го прекине примирјето со Иран доколку не се постигне долгорочен договор до среда.

    Истовремено, иранското министерство за надворешни работи ги демантираше тврдењата на Трамп дека Техеран ќе соработува со САД за предавање на залихите на збогатен ураниум. Од министерството велат дека ова прашање никогаш не било покренато за време на преговорите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира