Иднината на примирјето помеѓу САД и Иран е загрозена откако американските сили зазедоа ирански товарен брод зашто сакал да ја пробие американската поморска блокада на Иран, кој се закани дека ќе се одмазди за ова.
Американските преговарачи се упатија кон Исламабад, надевајќи се дека втората рунда на мировните разговори ќе започне пред истекот на првичното двонеделно примирје утре. Иран кажа дека нема да учествува.
САД продолжија со блокадата на иранските пристаништа, на што Иран одговори со повторното затворање на Ормускиот Теснец, низ кој минува една петина од светскиот извоз на нафта и гас. Американската војска соопшти дека по шестчасовни предупредувања пукала кон ирански товарен брод кој пловел кон иранското пристаниште Бандар Абас, онеспособувајќи ги неговите мотори. Американските маринци потоа со хеликоптери упаднаа на бродот.
„Го запленивме целиот брод и гледаме што има на него“, напиша Доналд Трамп на својата социјална мрежа.
Иранската војска кажа дека бродот пловел од Кина.
„Предупредуваме дека вооружените сили на Исламската Република Иран наскоро ќе одговорат и ќе возвратат на ова вооружено пиратство на американската војска“, изјави портпарол на војската.
Иранските државни медиуми објавија дека Техеран отфрлил нови мировни преговори поради „тековната блокада и американските променливи позиции, заканувачка реторика и прекумерни барања“.
„Не може да се ограничи извозот на нафта на Иран, а да се очекува бесплатна безбедност за другите. Изборот е јасен: или слободен пазар на нафта за сите или ризик од значителни трошоци за сите“, кажа првиот потпретседател на Иран, Мохамадреза Ареф.
Трамп претходно предупреди дека САД ќе ги уништат сите мостови и електрани во Иран доколку Техеран ги отфрли неговите услови. Иран му одговори дека ќе возврати со напади врз цивилната инфраструктура во Персискиот Залив.
Трамп рече дека американските преговарачи ќе пристигнат во Исламабад вечерва, ден пред истекот на двонеделниот прекин на огнот, додавајќи дека потпретседателот Џеј-Ди Венс овојпат нема да патува. Претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Калибаф претходно изјави дека двете страни постигнале напредок, но сè уште се далеку во своите ставови за нуклеарните прашања и Теснецот.



