Иранските безбедносни сили пукале со боева муниција и фрлиле солзавец за да ги растераат демонстрантите кои излегоа на протест против првичното негирање на властите дека украинскиот патнички авион бил погоден со проектил.
Видеоснимката што ја објави иранскиот Центар за човекови права со седиште во Њујорк прикажува група демонстранти како бегаат од плоштадот Азади во Техеран кога меѓу нив паѓа солзавец.
„Фрлаат солзавец на луѓето! Смрт на диктаторот!“, вели една демонстрантка на снимката.
На друга снимка се гледаат крвави траги на плоштадот и повредена жена, за која велат дека била погодена со куршум во ногата. Очевидци изјавија дека седум луѓе се застрелани.
Шефот на техеранската полиција Хосеин Рахими подоцна демантираше дека полицијата пукала со боева муниција, но призна дека бил фрлен солзавец.
„Полицијата се однесуваше кон насобраните трпеливо и толерантно. Таа не пукаше кон масата“, кажа Рахими.
Сепак, протестите биле следени и од други вооружени сили на Иран.
Во протестите против зголемувањето на цената на гас во ноември биле убиени над 300 луѓе.