Уништувањето на авион „Е-3 сентри“ на американските воздухопловни сили во ирански напад врз воена база во Саудиска Арабија би можело да ги наруши способностите на САД да ги забележат дојдовните ирански закани од далечина, велат аналитичарите. Драматичните слики од уништениот авион, геолоцирани од Си-Ен-Ен, ги покажуваат неговата скршена опашка и ротирачката радарска купола (АВАКС) на земја во воздухопловната база „Принц Султан“.
„Губењето на АВАКС е сериозен удар за американските можности за надзор. Тоа потенцијално може да влијае на способноста на САД да контролираат борбени авиони и да ги насочуваат кон нивните цели или да ги заштитат од непријателски напади“, рече воениот аналитичар Седрик Лејтон.
Еден ваков авион чинел 270 милиони долари во 1998 година, што е околу 540 милиони долари денес.
АВАКС овозможува воздушен мониторинг на простор до 200.000 квадратни километри од земјата до стратосферата и е витална компонента на американските борбени сили со децении. Флотата од 17 „E-3“ и искуството во нивното користење се сметаат за голема предност што ја ужива Вашингтон.
Си-Ен-Ен претходно објави дека во нападот врз воздухопловната база биле повредени најмалку 10 припадници на американските сили. Оштетен е и авион-танкер, велат извори.
Авион „Е-3“ е моќна воздушна командна станица и платформа за надзор. Може да следи околу 600 цели истовремено, како авиони, ракети, големи беспилотни летала, па дури и тенкови на бојното поле. Персоналот на „Е-3“ може да ги пренесува тие информации до командантите во штабовите, бродовите на море или до Пентагон во реално време.
Во меѓувреме, контролорите на АВАКС можат да ги насочуваат борбените авиони-пресретнувачи кон дојдовните закани или да испраќаат напаѓачки авиони за поддршка на копнените трупи.
„Во тековниот конфликт, ‘Е-3‘ може да го види лансираниот ирански дрон ‘шахед‘ на оддалеченост од 320 километри, околу 85 минути порано од копнениот радар“, рече Лејтон.
Тој смета дека губењето на „Е-3“ може да укажува дека Иран добива помош во таргетирањето на клучните американски средства.
„Русија најверојатно му дала на Иран географски координати и сателитски снимки што ја обезбедиле прецизната локација“, рече тој.



