ИРСКИОТ АКТИВИСТ И ПОРАНЕШЕН СВЕШТЕНИК МАЈКЛ О‘ФЛАЕРТИ ИЗБРАН ЗА НОВ КОМЕСАР ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА

    ИРСКИОТ АКТИВИСТ И ПОРАНЕШЕН СВЕШТЕНИК МАЈКЛ О‘ФЛАЕРТИ ИЗБРАН ЗА НОВ КОМЕСАР ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПАМајкл О‘Флаерти освои 104 гласа во вториот круг на гласањето, при што ги победи Меглена Кунева од Бугарија и Манфред Новак од Австрија (Фото: Совет на Европа)

    Ирскиот активист за човекови права и поранешен свештеник Мајкл О‘Флаерти е избран за нов комесар за човекови права на Советот на Европа. Тој освои 104 гласа во вториот круг на гласањето, при што ги победи Меглена Кунева од Бугарија (70 гласа) и Манфред Новак од Австрија (37). Шестгодишниот мандат на О‘Флаерти ќе почне на 1 април.

    Гласањето заврши доцна навечер во средата бидејќи во првиот круг ниту еден кандидат не доби довоен број гласови во Парламентарното собрание на Советот на Европа. Собранието го прават пратеници од сите 46 земји членки на Советот на Европа.

    По изборот, Флаерти вети дека ќе ги брани законите и институциите за човекови права и дека ќе биде со украинскиот народ.

    Улогата на комесарот е особено значајна денес, во времето кога не само што има злоупотреба на човекови права, туку и отфрлање на системот. Ако го отфрлиме системот на човекови права, го отфрламе и единствениот универзално договорен патоказ за почитување на човечкото достоинство и тоа ќе биде катастрофа“, изјави О‘Флаерти.

    Шеесет и четиригодишниот О‘Флаерти досега беше директор на Агенцијата за фундаментални права на Европската Унија, а претходно помина 18 години на разни функции во Обединетите нации, вклучително и како главен за операции за човекови права во Босна и Херцеговиба, Сиера Леоне и Азискиот Пацифик.

    Тој бил ракоположен за католички свештеник во 1987, но ја напушти црквата во 1990-тите и се посвети на активности за заштита на човековите права.

    О‘Флаерти беше предложен за новата функција од ирската влада и ќе ја замени сегашната комесарка, Босанката Дуња Мијатовиќ.

    Комесарот за човекови права е независна и непристрасна несудска институција основана во 1999 година од Советот на Европа за да ги промовира свеста и почитувањето на човековите права во 46-те земји-членки. 

    Г. МИХАЈЛОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира