Сè побројните спасувачки екипи ги прават последните напори да ја пронајдат исчезнатата подморница „Титан“, при што се проценува дека петчлениот екипаж ќе остане без кислород нешто по 13 часот по македонско време. Во потрагата кон која вчера се приклучија уште бродови се пребарува потповршинска област длабока околу четири километри.
Експертите велат дека тоа е сурова и непростлива средина, која повеќе наликува на вселената отколку на животот на Земјата. Остатоците на „Титаник“ лежат во таканаречениот полноќен регион, каде што владеат смрзнувачки температури и вечен мрак.
Според информациите од компанијата „Оушнгејт“, која е сопственик на туристичката подморница со која се превезуваат луѓе до остатоците на „Титаник“, таа имала залихи на кислород за 96 часа во моментот кога бил прекинат контактот со површината. Подморницата исчезна во Атлантскиот Океан еден час и 45 минути по нурнувањето во неделата.
На барање на американската морнарица, во потрагата се вклучи и францускиот истражувачки брод „Аталант“, кој располага со подводно роботско пловило, способно да се спушти и подлабоко од местото на кое што се наоѓа „Титаник“. Американската крајбрежна стража, пак, распореди специјален систем за спасување, дизајниран да подига тешки подводни предмети.
Експертите велат дека дури и доколку „Титан“ биде лоциран, неговото извлекување ќе претставува огромен логистички предизвик.