Шефот на противтерористичкиот оддел на њујоршката полиција изјави дека експлозивната направа пронајдена во седиштето на Си-Ен-Ен во Њујорк била испратена од истото лице кое испратило слични бомби и до Барак Обама, Хилари Клинтон и Џорџ Сорос.
Џон Милер и претставници на ФБИ на прес-конференција кажаа дека станува збор за бомби во облик на цевка. Онаа во Њујорк била црна и имала и жици.
„Пакетот испратен во Си-Ен-Ен содржеше функционален експлозив и плик со бел прав“, изјави Милер.
Тој додаде дека сѐ почнало во понеделникот вечер со направата испратена до Сорос во неговиот дом во едно њујоршко предградие.
„Бараме шаблон во направите. Засега немаме осомничени. Нема ниту повредени“, изјави Милер.
Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, и демократската конгресменка од Флорида Дебора Васерман Шулц соопштија дека сомнителен пакет бил испратен и во нивните канцеларии.
Белата куќа ги осуди нападите.
„За вакви работи нема место во нашата земја“, кажа потпретседателот Мајк Пенс, на што Доналд Трамп се надоврза „дека целосно се согласува“.
Тајната служба прво вчера пресретнала бомба адресирана на Хилари Клинтон во Њујорк, а потоа можна експлозивна направа била испратена и до домот на Барак Обама во Вашингтон.
„Двата пакета беа пресретнати пред да стигнат на предвидените адреси. Оние на кои им биле наменети немаа никаков контакт со нив, ниту беа доведени во некаков ризик“, се вели во соопштението на Тајната служба.