ИТАЛИЈА ГО КАЗНИ ФЕЈСБУК СО 805 МИЛИОНИ ЕВРА ЗАШТО КОРИСТЕЛ ФОТОГРАФИИ ОД ТЕЛЕФОНИТЕ НА КОРИСНИЦИТЕ БЕЗ НИВНА СОГЛАСНОСТ

    ИТАЛИЈА ГО КАЗНИ ФЕЈСБУК СО 805 МИЛИОНИ ЕВРА ЗАШТО КОРИСТЕЛ ФОТОГРАФИИ ОД ТЕЛЕФОНИТЕ НА КОРИСНИЦИТЕ БЕЗ НИВНА СОГЛАСНОСТКазната се однесува на функцијата за предлози од галеријата при прелистување на Фејсбук, која на корисниците им предлага фотографии и видеа од нивниот телефон за да ги додадат во објавите. (Фото: Пиксабеј)

    Италијанските власти ја казнија матичната компанија на Фејсбук, Мета, со 805 милиони евра поради користење фотографии и видеа од телефони со оперативен систем Андроид без конкретна согласност од корисниците, соопшти денеска италијанската Управа за заштита на податоците.

    Казната се однесува на функцијата за предлози од галеријата при прелистување на Фејсбук, која на корисниците им предлага фотографии и видеа од нивниот телефон за да ги додадат во објавите.

    Од Управата велат дека оваа функција го прекршува италијанскиот закон со кој се спроведува директивата на Европската Унија за е-приватност. Ова е убедливо најголемата казна што некогаш ја изрекол италијанскиот регулатор.

    Истрагата, започната во 2025 година, утврдила дека пристапот до галеријата на корисникот се бара со една единствена дозвола за целата апликација, што според регулаторот опфаќа повеќе функции со различни потреби. Барањето за овластување било проследено со општо предупредување кое не им овозможувало на корисниците да разберат дека одобруваат предлози за фотографии и видеа.

    Во соопштението се наведува дека доколку ваквата дозвола се даде во целост, таа ѝ овозможува на апликацијата да ја чита целата фотоархива на уредот, обично трајно, без корисникот или властите да можат да проверат кои информации всушност се користат.

    Регулаторот исто така го одбил приговорот на компанијата за ненадлежност во корист на ирските власти, со образложение дека регулативата за е-приватност не предвидува механизам на едношалтерски систем.

    Според одлуката на италијанската управа, Мета има рок од 60 дена одделно и конкретно да побара согласност за оваа функција и јасно да објасни што прави таа и како може да се исклучи. Функцијата исто така мора да биде стандардно исклучена, вклучително и за оние корисници кои веќе ја одобриле..

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира