ИТАЛИЈА НА 4 МАЈ ПОЧНУВА ДА ГО ОЛЕСНУВА НАЈДОЛГИОТ КАРАНТИН ВО ЕВРОПА

    ИТАЛИЈА НА 4 МАЈ ПОЧНУВА ДА ГО ОЛЕСНУВА НАЈДОЛГИОТ КАРАНТИН ВО ЕВРОПАПремиерот Конте најави дека образовните институции ќе се отворат дури во септември (Фото: АФП)

    Италија ги објави плановите за постепено олеснување на најдолгиот карантин во Европа, воведен пред седум недели за да се спречи ширењето на коронавирусот.

    Премиерот Џузепе Конте изјави дека олеснувањето на мерките ќе почне на 4 мај, при што на луѓето ќе им биде дозволено да си ги посетат роднините. Повторно ќе се отворат фабрики, градилишта и паркови, но образовните институции ќе почнат со предавањата дури во септември.

    Ова уследи откако во последните 24 часа починале 260 луѓе од КОВИД-19, што е најмала дневна бројка од 14 март. Коронавирусот досега однесе 26.644 животи во Италија, најмногу во Европа, а заразени се речиси 200.000 луѓе.

    Бројот на нови случаи на коронавирус во Италија е во пад веќе некое време и властите сметаат дека нивото на зараза сега е доволно ниско што може да се почне со постепено укинување на ограничувањата.

    Според планот, луѓето ќе смеат да патуваат во рамките на својот регион, ќе бидат дозволени погреби со присуство на најмногу 15 луѓе, како и тренинзи на спортисти, а баровите и рестораните ќе можат да разнесуваат нарачки. Нивно целосно отворање се очекува од 1 јуни, исто како на фризерски и козметички салони. Конте кажа дека социјалното дистанцирање ќе мора да се почитува уште неколку месеци, па затоа и црковните служби остануваат забранети.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира