Сменетиот каталонски претседател Карлес Пуигдемонт изјави од Брисел дека ќе се врати во Шпанија само ако добие јасни гаранции дека ќе биде заштитен, обвинувајќи го Мадрид дека сака да му се одмазди.
Истиот ден кога јавниот обвинител на Шпанија најави дека ќе покрене обвинение за побуна против Пуигдемонт и неговите соработници, за што можат да добијат затворска казна до 30 години, тој заминал за Брисел, но тврди дека не го направил тоа за да бара политички азил во Белгија.
„Јас и членовите на мојот кабинет избегавме во Белгија за да можеме да работиме слободно и безбедно. Ние ќе продолжиме со нашата работа, и покрај ограничувањата што нѝ се наметнати. Заминавме од Каталонија за да спречиме евентуално насилство во Шпанија. Ја повикувам владата во Мадрид да го обнови дијалогот“, изјави Пуигдемонт на прес-конференцијата во Брисел.
Тој додаде дека го прифаќа предизвикот да се оди на регионални избори на 21 декември.
„Каталонските националисти ќе излезат да гласаат. Шпанија сака Каталонија да го напушти својот политички проект, но нема да ѝ успее“, додаде каталонскиот лидер, за кој се верува дека со автомобил ја преминал границата со Франција, пред да фати авион за Брисел.