ИЗБОРИ ВО СРБИЈА НА 21 ЈУНИ, ОПОЗИЦИЈАТА ДА ГО ИСКОРИСТИ НЕЗАДОВОЛСТВОТО НА НАРОДОТ ОД ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА, КАЖА ВУЧИЌ

    ИЗБОРИ ВО СРБИЈА НА 21 ЈУНИ, ОПОЗИЦИЈАТА ДА ГО ИСКОРИСТИ НЕЗАДОВОЛСТВОТО НА НАРОДОТ ОД ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА, КАЖА ВУЧИЌСрпскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција во Охрид по состанокот на лидерите од регионот на 11 октомври 2019. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Српскиот претседател Александар Вучиќ објави пред малку дека парламентарните и локалните избори во Србија ќе се одржат на 21 јуни. Претходно денеска, тој најави дека вонредната состојба во земјата ќе биде укината в среда, а веќе има ублажување на мерките. Изборите во Србија првично беа закажани за 26 април, но беа одложени поради пандемијата на коронавирус.

    „За мене е важно, како претседател на Република Србија, после овој тежок период, да обезбедиме демократска атмосфера и да обезбедиме парламент и влада кои ќе им служат на интересите на граѓаните на Србија. Им посакувам како претседател на Република Србија на сите учесници добра кампања и успех на изборите“, напиша Вучиќ на Инстаграм по состанокот со партиите кои најавија учество на изборите.

    Дел од опозициските партии најавија дека ќе ги бојкотираат одложените избори на 26 април и истите засега не го менуваат ставот.

    За нив, Вучиќ кажа дека имаат голема шанса да го искористат незадоволството на народот поради воведувањето на вонредната состојба.

    „Гледам дека се двоумат дали да излезат. Имаат голема шанса, јас ги повикувам да го искористат тоа. Народот е незадоволен, не може да сфати дека го штитевме нивното здравје, дека не воведовме вонредна состојба поради хир. Нека го искористат тоа, им посакувам успех“, вели Вучиќ.

    Досега во Србија се регистрирани речиси 10.000 случаи на заболени од КОВИД-19, како и 197 починати.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира