Повторната изградба на мостот „Френсис Скот Ки“ во Балтимор, кој се урна оваа недела откако во него удри голем товарен брод, би можела да трае од 18 месеци до неколку години и да чини 400 милиони долари, а можеби и двојно повеќе, велат експертите. Тоа ќе зависи од многу фактори, како дизајнот на новиот мост и брзината со која владата ќе одобри дозволи и средства и ќе избере изведувачи. Администрацијата на Џо Бајден веќе одобри првична помош од 60 милиони долари, колку што бараше гувернерот на Мериленд, Вес Мур.
„Проектот реално би можел да трае меѓу пет и седум години“, вели Бен Шафер, професор по инженерство на Универзитетот Џонс Хопкинс.
Шестмина работници кои поправале дупки на патот загинаа откако бродот „Дали“ изгубил погон и со голема брзина удрил во еден од столбовите на речиси три километри долгиот мост. Несреќата доведе и до затворање на прометното пристаниште во Балтимор на неодредено време, каде што работат околу 8.000 луѓе.
Мур наведе дека имаат намера да го отстранат 300 метри долгиот брод, да ги извадат остатоците од мостот и повторно да го изградат.
„Пред нас е многу долг пат. Секоја фаза ќе биде со големи предизвици. Врз бродот има 3.000-4.000 тони метал“, призна Мур.
Американските воени инженери веќе почнаа да го расчистуваат теренот, а денеска ќе пристигне и кран кој може да крене тежина од 1.000 тони.
„Сега мора да смислиме како да ги исечеме остатоците од мостот на парчиња, за да можат да бидат подигнати со кран“, рече адмиралот Шенон Гилрит.
„Дали“ превезуваше илјадници контејнери, меѓу кои има и 56 со 764 тони корозивни и запаливи материјали. Сепак, властите кажаа дека тие не претставуваат опасност за околината.