Израел го прогласи генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш за непожелна личност и му забрани влез во земјата, велејќи дека тој ќе остане запаметен како дамка во историјата на ОН. Одлуката ја објави министерот за надворешни работи Израел Кац.
„Денеска го прогласив генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за персона нон грата во Израел и му забранив влез во земјата. Секој кој не може недвосмислено да го осуди грозоморниот напад на Иран врз Израел не заслужува да стапне на израелска почва. Тој се уште не ги осудил масакрот и сексуалните злосторства извршени од Хамас на 7 октомври и им дава поддршка на терористите, силувачите и убијците од Хамас, Хезболах, хутите и сега Иран. Израел ќе продолжи да ги брани своите граѓани и своето национално достоинство со или без Гутереш“, кажа Кац.
Гутереш го осуди нападот на Хамас, но притоа ги налути Израелците, велејќи дека Палестинците трпат окупација 56 години.