Делегации од Хамас, Израел и САД ќе се сретнат во Египет за да го финализираат американскиот мировен план за Газа за прекин на речиси двегодишниот конфликт. Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека нема да толерира одложување, а бројот на жртви во Газа расте.
Хамас соопшти дека е подготвен да влезе во преговори за ослободување на сите заложници, но не ја прифати безусловно целата содржина на планот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изрази надеж дека сите заложници ќе бидат ослободени во наредните денови, а претседателот Ицхак Херцог даде „целосна поддршка“ на преговорите. Сепак, дел од тврдокорните партнери во израелската владејачка коалиција остро се противат на предлогот. Министерот за национална безбедност, Итамар Бен Гвир, го нарече планот „национален пораз“.
Во Каиро, израелската делегација ја води министерот за стратешки прашања Рон Дермер, близок соработник на Нетанјаху, заедно со воени и безбедносни експерти, меѓу кои и Гал Хирш (координатор за заложници), генерал-мајорот Ницан Алон и претставник од Шин Бет. Египет, покрај меѓународните преговори, ќе биде домаќин и на „внатрешно-палестински дијалог“ за идното управување со Газа. Американската делегација ја предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
И покрај тврдењата на Трамп дека Израел „привремено го запрел“ бомбардирањето на Газа, болниците соопштија дека вчера загинале најмалку 67 луѓе, од кои 17 во напад врз куќа во Газа Сити. Меѓу жртвите имало и деца. Во Тел Авив, синоќа околу 120.000 луѓе излегоа на улиците барајќи од владата да го прифати договорот за прекин на огнот и да обезбеди враќање на заложниците.