ИЗРАЕЛ И ИНДИЈА ГО СЛАВАТ ИНДИСКИОТ ПИЛОТ КОЈ РАНЕТ ГО СПРЕЧИЛ УРИВАЊЕТО НА АВИОНОТ НА „ФЛАЈДУБАИ“ СО 174 ЛУЃЕ

    ИЗРАЕЛ И ИНДИЈА ГО СЛАВАТ ИНДИСКИОТ ПИЛОТ КОЈ РАНЕТ ГО СПРЕЧИЛ УРИВАЊЕТО НА АВИОНОТ НА „ФЛАЈДУБАИ“ СО 174 ЛУЃЕИзраелскиот патник Јанив Хајун со крвава маица пристигна на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив (Фото: АП)

    Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е прерано да се каже што стои зад спречениот обид на копилотот да предизвика пад на авионот на „Флајдубаи“, кој беше на лет од Дубаи кон Тел Авив. Властите сè уште немаат информации за мотивот на напаѓачот, иако министерот за одбрана Израел Кац вчера кажа дека има индиции дека станува збор за џихадистички терористички напад.

    Нетанјаху наведе дека напаѓачот е под истрага во Саудиска Арабија, каде што беше уапсен откако авионот со 174 луѓе изврши принудно слетување.

    Вознемирените патници раскажаа како упаднале во пилотската кабина и се бореле со напаѓачот, додека авионот нагло понирал.

    Нетанјаху додаде дека очекува напаѓачот да биде префрлен во Обединетите Арапски Емирати, од каде што полета авионот.

    „Ќе ја следиме оваа истрага, а можеби и ќе учествуваме во неа“, рече Нетанјаху, додавајќи дека Израел немал никакво предупредување или претходни разузнавачки информации за можен ваков инцидент.

    Според Нетанјаху, пилотот бил уапсен откако го избол другиот пилот и наводно се обидел да го урне авионот. Патниците и екипажот го совладале напаѓачот и ја презеле контролата врз авионот, безбедно приземјувајќи го на аеродромот во Табук во Саудиска Арабија.

    Лидерите на Израел и Индија го прогласија индискиот пилот Смит Мачхар за херој поради спасувањето на патниците. Борбата започнала откако тој бил избоден од копилотот, за кого се вели дека е државјанин на Оман, при што авионот нагло се спуштил за речиси 4.200 метри за помалку од 30 секунди.

    „Мачхар лежел на подот целиот во крв, кога успеал да го активира механизмот за отворање на вратата од пилотската кабина. Тоа им овозможило на патниците и на екипажот да го совладаат другиот пилот и да им овозможат на другите двајца пилоти на ‘Флајдубаи‘ кои летале со авионот да го приземјат леталото во Табук. Тој ги спаси животите на 174 луѓе“, напиша Нетанјаху на Икс.

    Во објава на Икс, и индискиот премиер Нарендра Моди го пофали Мачхар, нарекувајќи го херој.

    Индиските власти соопштија дека Мачхар ја добива потребната медицинска нега во болница во Табук и дека се во контакт со неговото семејство.

    „Неговата состојба е стабилна“, објави индиската амбасада во Саудиска Арабија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира