Израел вчера извојува две дипломатски победи, кога мнозински муслиманското Косово се согласи да ја признае еврејската држава, а Србија одлучи да ја пресели својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим.
Овие одлуки се составен дел од договорот за економска соработка што во Вашингтон го потпишаа српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти по дводневните преговори што се одржаа со посредство на администрацијата на Доналд Трамп.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека Србија е прва европска земја која се обврзала да ја пресели својата амбасада во Ерусалим, што треба да се спроведе до 1 јули 2021.
„Му благодарам на мојот пријател, претседателот на Србија, за одлуката да го признае Ерусалим за главен град на Израел и таму да ја префрли амбасадата“, изјави Нетанјаху.
Во исто време, тој потврди дека Израел ќе ја признае независноста на Косово.
„Косово ќе биде прва држава во која што муслиманите се мнозинство која ќе отвори амбасада во Ерусалим“, додаде Нетанјаху.
Претходно, само уште САД и Гватемала имаат донесено ваква одлука.
Според договорот, Србија и Косово треба да се поврзат со автопат и железница, Приштина ќе се приклучи на царинската унија Мал Шенген, а Американскиот фонд за развој ќе отвори своја канцеларија во Белград, прва во регионот, како што кажа Вучиќ.