ИЗРАЕЛ НЕ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ГАЗА И НЕ ПРИФАЌА ФОРМИРАЊЕ ПАЛЕСТИНСКА ДРЖАВА, КАЖА НЕТАНЈАХУ

    ИЗРАЕЛ НЕ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ГАЗА И НЕ ПРИФАЌА ФОРМИРАЊЕ ПАЛЕСТИНСКА ДРЖАВА, КАЖА НЕТАНЈАХУПланот на Трамп предвидува претворање на Газа во демилитаризирана зона (Фото: АП)

    Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека Израел под ниедни услови нема да прифати создавање палестинска држава и порача дека израелската војска ќе остане во Газа и после прифаќањето на мировниот план претставен од Доналд Трамп. Тој вчера се сретна со Трамп во Белата куќа, при што беше изложен мировен план од 20 точки, кој предвидува моментално завршување на војната и претворање на Газа во демилитаризирана зона.

    „Тоа беше историска посета. Место Израел да нѐ турне во изолација, ние го изолиравме Хамас. Сега целиот свет, вклучувајќи ги арапските и муслиманските држави, го притиска Хамас да ги прифати условите што ги договоривме со претседателот Трамп: да се ослободат сите заложници, а израелската војска да остане во најголемиот дел од Газа“, кажа Нетанјаху по посетата на САД.

    Тој негираше дека како дел од мировниот план се согласил со формирање на палестинска држава, која во изминатиот период ја признаа и Велика Британија, Канада, Австралија и Франција.

    „Апсолутно не, и тоа не е напишано ниту во договорот. Ние сме цврсто против палестинска држава. Претседателот Трамп кажа дека ја разбира нашата позиција. Тој изјави и во Обединетите нации дека таков потег би бил огромна награда за теророт и опасност за државата Израел. И секако, ние нема да се согласиме со тоа“, кажа Нетанјаху.

    Тој истакна дека Трамп му ветил целосна поддршка на Израел во завршувањето на воената операција ако Хамас го одбие мировниот план.

    Хамас сѐ уште не одговорил на мировниот план за Газа, кој беше поздравен од европските и блискоисточните лидери. Извор близок до Хамас изјави дека ќе им требаат неколку дена за анализирање на планот на Трамп и дека во тек се интерни консултации.

    И Русија денеска кажа дека го поддржува планот на Трамп.

    „Русија секогаш ги поддржува и поздравува напорите на претседателот Трамп насочени кон ставање крај на оваа трагедија. Секако, сакаме овој план да се спроведе и да помогне настаните на Блиски Исток да завршат мирно“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира