Израел почна да праќа воени засилувања на границата со Газа по најавите дека подготвува можна копнена операција. Израелската војска направи таков упад и за време на војните во 2008-09 и 2014 година.
„Воени трупи се движат кон границата со Газа. Тоа се подготвителни активности“, изјави портпаролот на Израелските одбранбени сили, Јонатан Конрикус.
Тој додаде дека се повикани 3.000 воени резервисти, а воените заповедници на границата добиле предупредување од владата да бидат подготвени за сите можности и ескалација.
„Тие се во борбена процедура, буквално се подготвуваат за битка. Но, тоа не е она што неопходно ќе се случи утре наутро. Нашиот фокус е на разбивањето на непријателските способности“, кажа Конрикус.
Хамас и Израел се гаѓаат со ракети од понеделникот, откако над 300 Палестинци беа повредени во судирите со израелските безбедносни сили пред џамијата Ал-Акса во Источен Ерусалим. Досега загинаа најмалку 83 луѓе во Газа и седуммина Израелци, вклучувајќи деца.
Хамас утрово ги ракетираше и Тел Авив и Ерусалим откако Израел уби неколкумина командири на оваа милитантна група и уништи три повеќекатници во Газа.