ИЗРАЕЛ ПРЕТЕРАНО СЕ ПОТПИРАЛ НА ТЕХНОЛОГИЈАТА НА ГРАНИЦАТА СО ГАЗА И БИЛ ПРЕЛАЖАН ДЕКА ХАМАС НЕ САКА ОТВОРЕН КОНФЛИКТ

    ИЗРАЕЛ ПРЕТЕРАНО СЕ ПОТПИРАЛ НА ТЕХНОЛОГИЈАТА НА ГРАНИЦАТА СО ГАЗА И БИЛ ПРЕЛАЖАН ДЕКА ХАМАС НЕ САКА ОТВОРЕН КОНФЛИКТМалкумина војници биле стационирани близу границата зашто беа прераспоредени кон Западниот Брег (Фото: АФП)

    Израел долго време мислеше дека високотехнолошката безбедносна бариера што го дели од Појасот Газа, зајакната со бодликава жица, камери, сензори, бетонска основа против тунели и митралези на далечински управувач, е непробојна. Но, по катастрофалниот напад на Хамас, во кој загинаа над 1.200 луѓе во Израел, претставници на израелската војска укажаа на сериозни разузнавачки и оперативни недостатоци кои овозможија изненадувачки лесно масовно пробивање на „железниот ѕид“.

    Повеќе од 1.500 милитанти упаднаа со пикапи, мотоцикли, падобрани и глисери, убивајќи стотици цивили во нивните домови и на музички фестивал во пограничните подрачја. Тие исто така киднапираа околу 150 луѓе, кои се одведени во Газа.

    Повикувајќи се на првичните проценки на четворица високи израелски безбедносни функционери, „Њујорк тајмс“ објави дека оперативниот неуспех започнал кога граничните чувари не реагирале на итно предупредување на разузнавачите за ненадеен наплив на комуникациските мрежи на Хамас, па се претпоставува дека или не го добиле или не го прочитале.

    Сепак, клучната грешка лежи во прекумерното потпирање на граничната ограда контролирана со далечински управувач и нејзината несоодветна одбрана, што им овозможило на дроновите на Хамас да ги бомбардираат и онеспособат комуникациските кули, центрите за надзор и далечински управуваните митралези во близина на границата, со што границата моментално останала без одбрана.

    Малкумина војници биле стационирани близу границата зашто беа прераспоредени кон Западниот Брег и се верувало дека поради високата технологија војниците не мора физички да ја чуваат границата во голем број.

    Исто така, се наведува дека многумина заповедници биле групирани во една воена база близу границата, што спречило координиран одговор и пренесување информации до остатокот на армијата откако базата била прегазена од милитантите. Биле потребни многу часови пред војската да успее да ги поврзе точките и да ја земе предвид сериозноста на ситуацијата во пограничните градови.

    Израелците долго време верувале дека Хамас не сака да се вклучи во отворен конфликт и не следеле некои клучни комуникациски канали што ги користи групата, прифаќајќи ги пораките на командантите на Хамас дека не бараат војна, испраќани преку канали за кои знаеле дека се прислушувани од Израел“, се вели во извештајот на „Њујорк тајмс“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира