ЈАПОНИЈА ЈА ОДОБРИ ПРВАТА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19 ДОДЕКА СКЕПСАТА КОН ВАКЦИНИ ВО ЗЕМЈАТА ОСТАНУВА ГОЛЕМА

    ЈАПОНИЈА ЈА ОДОБРИ ПРВАТА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19 ДОДЕКА СКЕПСАТА КОН ВАКЦИНИ ВО ЗЕМЈАТА ОСТАНУВА ГОЛЕМАДо крајот на годината, Јапонија очекува да добие над 300 милиони дози вакцини (Фото: Блумберг)

    Јапонија вчера и официјално ја одобри првата вакцина против ковид-19 и кажа дека ќе почне со имунизацијата во наредните неколку дена, два месеца покасно од земји како Велика Британија и САД. Министерството за здравство соопшти дека е одобрена вакцината на „Фајзер/Бионтек“.

    Сепак, според анкетата што минатиот месец ја спроведе државната радиодифузна мрежа НХК, само половина од населението сака да се вакцинира против ковид-19, иако имунизацијата се смета за клучна за подготовките за одложените Олимписки игри во Токио, до чие отворање остануваат помалку од 200 дена.

    Јапонија е меѓу земјите со најниска доверба во вакцини. И додека антиваксерското движење е релативно ново во САД и главно е водено од стравот дека вакцините предизвикуваат аутизам, одбивноста на Јапонците кон вакцини произлегува од безбедносни грижи кои датираат од пред неколку децении. Така, непотврдени извештаи за несакани ефекти ги запреа активните кампањи за имунизација против заушки во почетокот на 1990-ите и против ХПВ во 2013 година.

    Ниското ниво на поддршка што ја има владата на Јошихиде Суга исто така не оди во прилог на вакцинирањето.

    „Во Јапонија, довербата во владата има директна врска со довербата во вакцини“, вели Јуџи Јамада, еден од десеттемина млади јапонски лекари кои креираа интернет канал преку кој се споделуваат искуствата со вакцинирањето низ светот и се разоткриваат лажни информации.

    До крајот на годината, Јапонија очекува да добие 144 милиони дози од вакцината на „Фајзер“, 120 милиони дози од „Модерна“ и 50 милиони дози од „АстраЗенека“, што е доволно да се покрие целото население.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира