Јапонија ги укина своите ограничувања за извоз на оружје, со што ќе се овозможи продажба на повеќе од десет држави. Ова е големо оддалечување од пацифизмот на Јапонија, што ја обележа нејзината повоена одбранбена политика и следува во време на засилени тензии во регионот.
Изворот на оружје досега беше ограничен на пет категории: спасување, транспорт, предупредување, надзор и чистење од мини. Ова значи дека Јапонија сега ќе може да им продава смртоносно оружје на 17-те земји со кои има договори за одбрана, вклучувајќи ги САД и Велика Британија. Забраната за продажба на оружје на земји вклучени во конфликт ќе остане во сила, но властите велат дека ќе се дозволат исклучоци „во посебни околности“.
„Во сè посериозно безбедносно окружување, ниедна земја сега не може сама да ги заштити сопствените мир и безбедност. Според новиот систем, стратешки ќе промовираме трансфери на опрема, додека донесуваме уште поригорозни и повнимателни одлуки за тоа дали трансферите се дозволени“, кажа јапонската премиерка Санае Такаичи.
Кина изјави дека е сериозно загрижена за она што го опиша како „неодговорна милитаризација“ на Јапонија.
„Кина ќе остане будна и решително ќе се спротивставува на овој потег“, соопшти министерството за надворешни работи.
Одбранбениот став на Јапонија беше запишан во нејзиниот устав по Втората светска војна во 1947. Во него се отфрлаше војната како начин за решавање меѓународните спорови и се наведуваше дека Јапонија никогаш нема да го задржи воениот потенцијал. Со децении, пацифизмот стана дел од идентитетот на Јапонија, но тој начин на размислување постепено се менуваше.



