Марк Закерберг пет часа одговараше на прашања во првата сесија од дводневното сведочење пред американскиот Конгрес, каде што се појави за првпат откако го води Фејсбук. Тој беше испрашуван од 44 сенатори и ова се некои од клучните моменти од неговото сведочење.
„Мислам дека е важно точно да им се каже на луѓето како ќе бидат искористени податоците кои ги споделуваат на Фејсбук. Затоа, секојпат кога сакате да објавите нешто, без разлика дали е тоа информација, фотографија или порака, вие имате контрола со кого сакате да го споделите тоа. И вие можете да го промените тоа и да го контролирате“, кажа Закерберг.
Сенаторот Дик Дурбин го праша дали би имал проблем да го објави името на хотелот во којшто отседнал минатата ноќ.
„Не, јас, веројатно, не би го објавил тоа јавно на Фејсбук“.
Во врска со компанијата „Кембриџ аналитика“, која се обвинува дека искористила лични податоци на 87 милиони корисници на Фејсбук, тој кажа:
„Тие не ги користеа нашите услуги од 2015 година, колку што знам јас. Тие не се огласуваа кај нас, не водеа страници, така што практички немаше што да забраниме“, рече Закерберг, па малку се исправи.
„Сакам да исправам една работа. Од мојот тим подоцна ми кажаа дека ‘Кембриџ аналитика‘ почнале рекламна кампања кај нас и во 2015 година, така што во теорија можевме да ги забраниме. Направивме грешка што не го направивме тоа. Не требаше да им веруваме на збор дека веќе не ги користат нашите податоци. Ги надградивме нашите правила за да не се повтори тоа“.
Тој призна дека Фејсбук собира податоци од корисниците, некои од нив со дозвола.
„Постои погрешна претстава дека ние им ги продаваме тие податоци на огласувачите. Ние не го правиме тоа. Она што им го дозволуваме е дека им кажуваме до кого сакаат да допрат. Ги истражуваме сите апликации кои имале пристап до голем број податоци во минатото. Ако најдеме каква било злоупотреба, ќе ги забраниме и ќе ги известиме сите погодени“.
Закерберг призна и дека бавно реагирале кога сфатиле дека постојат руски активности на мрежата.