Доминик Пелико, 71-годишниот Французин обвинет дека десет години ја дрогирал својата сопруга и ангажирал десетици непознати мажи да ја силуваат, ги призна сите обвиненија против него на своето прво сведочење од почетокот на судењето на 2 септември. Тој притоа им се обрати на останатите 50-мина обвинети за силување на неговата сега веќе бивша сопруга Жизел.
„Јас сум силувач како и сите други во просторијата. Сите знаеја, не можат да кажат друго. Мојата сопруга не го заслужи ова. Бев многу среќен со неа. Неизмерно ја сакав и уште ја сакам“, изјави Пелико.
Пелико, кој е татко и дедо, раскажа за своите трауматични искуства од детството и дека бил сексуално злоставуван од болничар кога имал девет години.
„Тешко ми е да го слушам ова. Педесет години живеев со маж за кого не можев ни да замислам дека е способен да направи вакво нешто. Целосно му верував“, изјави Жизел Пелико, која побара судењето да биде отворено за јавност.
Доминик Пелико кажа дека помислувал да изврши самоубиство кога дознал дека Жизел има вонбрачна афера, но немал храброст за тоа.
Таа дознала за силувањата дури во 2020. Сѐ почнало кога полицијата покренала истрага против Доминик во септември таа година откако бил фатен како тајно снима под здолништата на три жени во трговски центар. При пребарувањето на неговиот компјутер биле пронајдени илјадници фотографии и видеа од неговата сопруга во видно онесвестена состојба. Тие прикажувале десетици случаи на силување во домот на двојката во Мазан, село со 6.000 жители оддалечено 40 километри од Авињон. Доминик учествувал во силувањата така што снимал.
„Снимав главно од задоволство, но и како осигурување. Благодарение на овие снимки можат да се откријат мажите кои учествувале во ова“, рече Пелико.
Полицијата открила 92 случаи на силување извршени од 72 мажи, од кои 51 е идентификуван. Тие се на возраст од 21 до 68 години. Најголем дел од нив учествувале еднаш, а некои и до шест пати.